Makedonski Jazik i Literatura
Znak (Simboli i Signali)
Човекот е опкружен со безброј различни знаци. Уште кога ќе се роди, бебето дава знаци. Кога тоа плаче значи дека не е задоволно, односно дека е гладно, водено, му се спие итн.

Научникот Пјер Гиро знакот го дефинира како сетилен поттик чијашто ментална слика се врзува за друг сетилен поттик кој треба да оживее во општењето (комуникацијата). Или, кажано на поедноставен начин:
Знакот е нешто што укажува на нешто друго.

Знаците се делат на симболи и сигнали. Симболи се знаци што се испраќаат со намера. Сигналите се знаци што се испраќаат без намера нешто да нè информираат. Симболите можат да бидат најразлични. Заедничко на сите симболи е тоа што тие имаат две страни: надворешна (сетилен поттик, нешто) и внатрешна (друг сетилен поттик, нешто друго). Сетилниот знак (оној што го гледаме, слушаме, допираме или мирисаме) се вика означувач (срце - надворешна страна) или форма на знакот, а нештото што го означува се вика означено (љубов - внатрешната, значенската страна) или содржина на знакот.

Науката што ги проучува знаците се вика семиологија (семиотика). Науката, пак, што го проучува јазикот се вика лингвистика. Неа ја сочинуваат повеќе дисциплини:
- фонетика
- фонологија
- морфологија
- синтакса
- лексикологија
- лексикографија
- фразеологија
- зборообразување
- стилистика
- дијалектологија итн.

Всушност, сите дисциплини (науки) кои се занимаваат со проучување на јазикот од кој било аспект ја сочинуваат лингвистиката. Граматика е дел од лингвистиката која ги опфаќа само:
- фонетиката (и фонологијата),
- морфологијата и
- синтаксата.